mk.wikipedia.org

Владимирово — Википедија

  • ️Sun Dec 29 2019
Владимирово

Поглед на селото

Владимирово во рамките на Македонија

Владимирово

Местоположба на Владимирово во Македонија

Владимирово на карта

Карта

Координати 41°42′36″N 22°47′34″E / 41.71000°N 22.79278°E
Регион  Источен
Општина  Берово
Област Малешевија
Население 573 жит.
(поп. 2021)[1]
Пошт. бр. 2331
Повик. бр. 033
Шифра на КО 01003
Надм. вис. 879 м
Слава Спасовден

Владимирово на општинската карта

Атарот на Владимирово во рамките на општината

Владимирово на Ризницата

Владимирово — село во Општина Берово, во областа Малешевија, во околината на градот Берово.

Оваа голема населба се наоѓа речиси во средишниот дел на територијата на Општина Берово, чиј атар се издига до сртот на Малешевските Планини и таму се допира со териториите на општините Василево и Радовиш.[2] Владимирово е второ по големина село во Малешевијата и со еден од најголемите атари во Македонија, којшто зафаќа простор од дури 98,6 км2.[2] Владимирското подрачје се протега на западниот брег на реката Брегалница и зазема прилично голем дел од Малешевската Котлина.

Селото е ридско, на надморска височина од 850 метри. Од самиот град Берово е оддалечено 8 километри, со кој е поврзано со локален пат.[2]

На него сите три вида аграрни структури заземаат големи површини. Меѓутоа, најголема површина имаат шумите од 5.589 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 2.143,2 хектари, а на пасиштата 1.965,6 хектари.

Подрачјето на Владимирово, како дел од Малешевската Котлина, се граничи: од југоисток и југ со подрачјето на соседното село Русиново со најдолга граница; од југозапад граничи со струмичкото подрачје; од западната страна со куса граница се граничи со Радовишко; северната граница е мошне долга со повеќе гранични синори покрај реката Каменица граничи со подрачјето на селото Будинарци, со реката Брегалница и граничи со синорот на селото Мачево; североисточната граница е дел од полето на селото Робово и ЗИК „Малешевска слива“ сè до устието на Смојмирска Река во реката Брегалница. Границата Синорно Подрачје оди по текот на реката Брегалница, ја сече месноста „Лаго“ и излегува на патот за Берово, кај мостот на Ратевска Река.

Поголемиот дел од синорот, односно 34 е планински дел под името „Планини“, а 14 порамен (полски) дел наречен „Полето“. Планините имаат просторни површини под пасишта, големи комплекси со широколисни и иглолисни шуми, а има и доста површини под ораници. По речните долинки има и ливади. Сета полска површина скоро е обработлива, а долините по Брегалница и Селска Река делумно се ораници за градинарски култури, а остатокот се ливади.

Панорамски поглед на Владимирово, погледнато од дворот на црквата „Св. Илија

Владимирово во почетокот на XX век

Во XIX век, Владимирово било христијанско село во рамките на Малешевската каза на Отоманското Царство.

Во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров за селото Владимирово запишал дека е расположено на источното подножје на планината Бозелџа и 12 час лево од Брегалница co 250 македонски куќи[3]. Жителите му биле доста освестени и богати, а според развојот на жителите заедно со тоа во црковно-училиштен однос владимировци биле на прво место меѓу сите Малешевци[3]. Главните занимања им се земјоделство и сточарство.[3]

За време на Српската окупација од 1912 г. до 1941 г. (подоцна од 1918 г. Кралство на Србите, Хрватите и Словенците; од 1929 г. до 1941 г. Кралство Југославија) Владимирово страда силно.[4] Во 1914 г. еден крвав настан е познат под името „клање на поповите”. Имено, во 1914 г. е заклан поп Јован Мирчев. Тој е сечен на парчиња од српските четници, а деловите се собрани во вреќа и така е погребан. На ист начин е убиен и поп Јован Зрлев и питропите Лазар Бакалски и Наце Крстев, потоа Мите Кушов (Кушето) и Мите Крлански.[4]

Во март 1915 г. на стравичен терор биле изложени селаните на Владимирово, Чифлик, Русиново, Митрашинци, Робово, Смојмирово и останатите населени места во Малешевијата. Во врска со крвавите и тажни мартовски денови 1915 г. еден сведок кој случајно го одминала смртта, за егзекуциите вели: „Во март 1915 српска војска, жандармерија и четници го опколија селото и опсадата траеше една недела. Надвор од селото никој не можеше да излезе, а ако се враќаше од било каде, го пуштаа да влезе во селото и ако беше маж, веднаш го фаќаа и го доведуваа кај другите изврзани селани. Изврзаа со дрва и ортоми околу 70—80 мажи.[4] Дрвата и ортомите така беа наместени, што никој не можеше ниту да помисли на бегство од ова страшно менгеме. Кога ќе почнеа да не стегаат, месата на рацете, грбот и стомакот ни ги растеглуваа, а коските пукаа. Поради многу стегање, на поп Иван Мицев му прсна едното око и бликна да му тече крв и бргу потоа изгасна. Со иста јачина ги стегаа: поп Иван Георгиев, Лазар Бакалов, Атанас (Наце) Деспотов, Димитар Крлански, Димитар Кушев и Иван Стамболиев. На едни од нив им распукна стомакот, а на други им испукаа градните кошеви и тие по оваа грозотија изгаснаа. Извесно време по нив изумреа и: Димитар Новоселски, Георги Богданов, Иван Чучев, Георги Распашков, Атанас Фичорски, Доне Кушев, син на Димитар, Петре Мазгански, Михаил Кржев, Иван Ушев, Михаил Шушенов, Никола Деведишлиев, Иван Зрлев, Гаврил Наков, Алекси Соколов. Околу 50—55 души бевме исто така стегани, газени, тепани и сите добивме рани. Измачуваа и две жени: попадијата Стојанка и Ефа Самарџиева. Во есента истата година пак селото се наполни со војници и жандарми. И тогаш многу свет пострада. На повлекувањето одвлекоа 12 луѓе и никој од нив не се врати. Во затворите лежеа 51 човек и две жени: Стојанка и Ефа. Тогаш во Владимирово не остана човек да не е тепан, ограбуван и апсен, навредуван и слично”.[4]

Вкупно 10 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]

Селото во основа има мешовита земјоделска функција.[2]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.965—    
19531.896−3.5%
19611.791−5.5%
19711.473−17.8%
19811.290−12.4%
ГодинаНас.±%
19911.106−14.3%
19941.043−5.7%
2002861−17.4%
2021573−33.4%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Владимирово имало 1.650 жители Македонци христијани.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Владимирово имало 2.000 жители.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.500 Македонци.[8]

Владимирово е голема населба, но со намалување на бројот на населението. Во 1961 година селото броело 1.791 жител, а во 1994 година бројот се намалил на 1.043 година, од кои 1.041 Македонец и 2 Срби.[2] Според пописот од 2002 година, во селото живееле 861 жител, од кои 859 Македонци и 2 Срби.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 573 жители, од кои 552 Македонци, 1 Србин и 20 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 1.650 2.000 1.965 1.896 1.791 1.473 1.290 1.106 1.043 861 573
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Подрачното основно училиште „Дедо Иљо Малешевски“

Селото влегува во рамките на Општина Берово, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Берово.

Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната Општина Владимирово, каде Владимирово било единствено село во општината.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на некогашната Општина Владимирово, во која покрај селото Владимирово се наоѓале и селата Мачево и Русиново.

Во периодот 1955-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Берово.

Во селото постои избирачкото место бр. 0009 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 531 гласач.[17]

Поглед на главната селска црква „Св. Спас“
Сретселото, заедно со спомениците од НОБ
Археолошки наоѓалишта[18]
Цркви[19]
Споменици
Родени во Владимирово
  • Благој Ханџиски (р. 1948) — македонски политичар, министер за надворешни работи на Македонија во периодот од 29 мај 1997 до 30 ноември 1998 година
  • Михаил Левенски (1942-2010) — македонски поет, раскажувач, драмски автор и невропсихијатар[21]
  • Горан Алачки — македонски музичар
Починати во Владимирово
  • Поглед на горниот дел од селото

    Поглед на горниот дел од селото

  • Бистата на Пола Бошначка на сретсело

    Бистата на Пола Бошначка на сретсело

  • Спомен-плоча за борците од НОБ

    Спомен-плоча за борците од НОБ

  • Плоча за создавањето на првиот легален народноослободителен одбор

    Плоча за создавањето на првиот легален народноослободителен одбор

  • Амбулантата во селото

    Амбулантата во селото

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 56. Посетено на 7 март 2017.
  3. 3,0 3,1 3,2 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 425. ISBN 978-608-245-113-8.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Галев, М-р Димитар (1991). Белиот терор во Југоисточна Македонија 1912–1941 година; Книга прва. Штип: Друштво на наука и уметност. стр. 698−700.
  5. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  6. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 228.
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 140-141.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 7 март 2017.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „ОУ „Дедо Иљо Малешевски". македонски: Општина Берово. Посетено на 7 март 2017.
  16. „Описи на ИМ“. Државна изборна комисија. Посетено на 13 октомври 2021.
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. Коцо, Димче (1996). „Археолошка карта на Република Македонија“. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. „Осветување на новоподигнатата црква на Св. пророк Илија во Владимирово“. МПЦ - ОА. 31 јули 2005. Посетено на 23 јануари 2011.
  21. „Ненадејно почина д-р Михаил Левенски“. А1. 29 септември 2010. Посетено на 2010-09-29.