mk.wikipedia.org

Црно семе (филм) — Википедија

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Црно семе“

сцена од филмот

РежисерКирил Ценевски
СценаристТашко Георгиевски
Главни улогиДарко Дамески
Ацо Јовановски
Ристо Шишков
Мите Грозданов
Ненад Милосављевиќ
Воја Мириќ
Павле Вуисиќ
Вукан Диневски
ДистрибутерВардар филм
Премиера1971
Времетраење89 минути
ЗемјаСР Македонија, СФРЈ
Јазикмакедонски

Црно семемакедонски игран филм, снимен по сценариото на Ташко Георгиевски (засновано врз неговиот истоимен роман), а во режија на Кирил Ценевски. Филмот бил снимен во 1971 година, во времетраење од 89 минути, снимен во техника на широк екран, во производство на Вардар филм од Скопје, и истиот припаѓа на родот на играни филмови од историски жанр.[1]

Овој филм е посебно важен за глумецот Дамевски, бидејќи за својата главна улога во овој филм, ја има добиено Златната арена за најдобра машка улога на Филмскиот фестивал во Пула (1971). Исто така, филмот освоил и Златна арена за режија, какои наградата Златен венец за најдобро дебитанско остварување.

За време на Граѓанската војна во Грција, 1946 година, припадници на кралската грчка војска, во чиј состав влегле и Македонците од Егејскиот дел на Македонија, под обвинение дека се комунисти и непријатели на кралска Грција, се казнувани со упатување во логор на пуст остров. Поради своите убедувања и етничкото потекло, некои од нив ги совладуваат сите тешкотии, задржувајќи го своето човечко достоинство. Други, пак, не успеваат во тоа, и наместо очекуваниот спас, доживуваат целосен морален пад. Средишни личности се Андон Совичанов, Парис и Христос, кои, секој за себе, претставува поединечна сложеност на самосвоен лик, што е видливо преку страдањата низ кои минуваат и кои ги означуваат разните димензии на човековиот отпор. Голготата започнува со одземањето на оружјето на Македонците од Егејска Македонија, припадници на кралската војска и со нивно депортирање, најпрвин во воен затвор каде што ги сослушуваат, а потоа, натоварени на брод во тешки и сурови услови, ги носат на пуст и карпест остров. На островот нема вода, така што нудењето и поткупувањето со вода е еден од методите за кршење и уривање на достоинството на жедните затвореници, при што од нив се бара да потпишат изјава за верност кон кралот и готовност за откажување од Организацијата. Репресалиите продолжуваат со постојани измачувања, тепања и стрелања на секого што, на каков било начин ќе пружи отпор или ќе покаже непослушност. На Денот на независноста на Грција, од затворениците е барано да ја пеат песната на независноста. Затворениците одбиваат, следи мешаница и бунт, кој завршува неуспешно, при што некои залудно гинат. Андон Совичанов плука во командантот и користејќи момент на изненадување, почнува да бега низ беспаќето на островот, гонет од самиот командант лично. Тоа, воедно, е и крај на филмот.