bbc.co.uk

BBCMacedonian.com

Од погребот на Тоше Проески

Тоше Проески беше погребан во Крушево

Македонија денес се прости од својата мега поп-ѕвезда Тоше Проески.

Со највисоки државни почести попладнево на градските гробишта во Крушево беа погребани неговите посмртни останки.

На погребението чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ г.г. Стефан:

-„Дали Крушево и Македонија по Илинден 1903–та го обвиле ваква тага?Го споило во ваква жалост?! И, дали ова што го доживуваме, од вчера утро, па наваму, по трагичната вест за Тоше, може ли да се спореди со било што?Тагува Крушево и жали Македонија!“

Почит за ѕвездата

Почит на најголемата македонска музичка ѕвезда, и одаде претседателот на државата, премиерот, претседателот на парламентот делагации од државниот и политичкиот кор, членовите од неговото семејство, неговите пријатели и обожаватели.

-„Тој ни’ беше идол на сите, а сега откако го изгубив стана легенда.“

-„Преку неговите песни ја открив енигмата на љубовта.“

-„Дури сум жива ќе го паметам.“

Инспирација за музичарите

Инспирација за музичарите

Со Тоше се простија и голем број естрадни балкански ѕвезди кои со плач во очите му одадоа последна почит на својот колега и пријател.

Сите го паметат како хуманист, човекољубец, добар пријател и одличен соработник

Композиторот и пејач Јован Јованов, вели:

-„Се сеќавам на многу моменти поминати со него ќе го запаметам како голем човек,човек кој ќе остане секогаш во секој наши здив и ќе биде наша голема инспирација.“

Пејачот Адријан Гаџа:

-„Мислам дека цел народ ќе го памети како хуман човек,како добар човек,а јас ќе го паметам како моја најголема инспирација“

Композиторот Григор Копров:

-„Имаше во него се најдобро што во музиката може да се замисли“

Пејачката Тијана Дапчевиќ:

-„Ангел кој отиде, така, на небото. Но, се уште не можам да поверувам. Се уште мислам дека е лош сон од кој треба да се разбудам кај и да е.“

Актерката Весна Петрушевска:

-„Тој не беше уметник, драги мои, тој беше ремек дело. Уметниците многу сакаат аплаузи. Ќе ве замолам за аплауз за Тоше. “

Децата за Тоше

Тоше Проески им помагаше и најмногу ги сакаше децата.

Беше почесен амбасадор на УНИЦЕФ.

Затоа и тие дојдоа да му дадат искрена почит.

-„Јас носам букет за Тоше, за најомилениот пејач. Многу го сакав, Дури кога и ми кажаа, не бев свесна дека е умрен.

-„Носам зајаче и цвеќе за Тоше!“

Тоше Проески, македонската поп ѕвезда, имаше само 26 години.

Почина вчераутро, при сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка -Хрватска.

Владата го прогласи за почесен граѓанин на Република Македонија.